„Гага“ книга за Гагарин – вселенскиот пионер, од тимот на „Арно.мк“

Новата, бесплатна книга изработена од тимот на „Арно.мк“, го разработува ликот и делото на познатиот астронаут Јуриј Гагарин. Досега издадени се две книги – „25 факти за аерозагадувањето и начини како можеш да го намалиш“ и „Мустаќлии кои го смениле светот“, а како што велат од тимот, тие преку книгите зборуваат за теми како наука, екологија, уметност, култура и останати „арни“ нешта.

Во третата, најнова книга тимот пренесува факти од животот на космонаутот Јуриј Гагарин.

„Тој се истакнува не само како првиот човек во вселената, туку и како човек кој ги сакал подвизите на човештвото и живеел сонувајќи за свет во кој владее мирот, љубовта, напредокот и братството. Тој ја вдишувал сегашноста со полн здив и ја издишувал иднината, во секој миг исчекувајќи нешто големо и неповторливо. Себеси се сметал за обичен човек и честопати истакнувал дека неговите подвизи можел да ги направи секој“, објаснуваат од „Арно.мк“.