Франција ја тресат протести на средношколци, полицијата ги принуди да клекнат во калта

Средношколците во Франција неделава го блокираа пристапот до голем број на средни училишта низ целата земја во знак на протест против реформите на образованието, во време кога земјата се тресе од протести против високите трошоци за живот. Нови протести се најавуваат и за утре.

Вчера во Нант средношколци од „Gaspard Monge La Chauviniere“ се судрија со полицијата откако го блокираа влезот во училиштето, а синоќа запалија автомобил како дел од протестот. Универзитетот во Нант е исто така затворен, и нема да се отвори до вторник, објави РТ.

На другиот крај на земјата, во Вал Фуре, сиромашна населба во близина на селото Мант-ла-жоли, 60 километри западно од Париз, полицијата предизвика инцидентот со невообичаено суровиот третман кон тинејџерите. Видео снимките и фотографиите од две средни училишта се проширија на социјалните медиуми доцна во четвртокот, предизвикувајќи горчина кај јавноста.

„Последните неколку дена, на учениците им се придружија околу 100 млади луѓе вооружени со стапови и молотови коктели, кои сакаа судир со полицијата”, изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастнер, за новинарите.

Кастанер рече дека во областа околу двете училишта биле запалени блокадите на патиштата, се фрлале разни предмети врз возачите и се ограбувале куќите во близина.

„Затоа беа вклучени безбедносните сили”, рече тој.

Во инцидентот во Вал Фуре, според француските медиуми, не е повреден ниту еден ученик.

Министерот за образование, Жан-Мишел Бланкер, рече дека снимката е “шокантна”, но исто така истакна дека насилството што ја тресе земјата во последниве неколку недели го оправдало строгиот полициски одговор.