Франција ќе ги укине внатрешните летови како климатска мерка, ќе се патува со воз

Франција доби зелено светло за забрана на кратките домашни летови, пренесува „Euronews“. Европската комисија ја одобри мерката со која се предвидува забрана за авионски летови меѓу градови кои се на помала далечина од два и пол часа патување со воз.

Мерката е дел од францускиот Закон за клима од 2021 година и е првично предложен од француската Граѓанска конвенција за клима, која претставува граѓанско здружение задолжено за барање начини за намалување на загадувањето во државата.

Франција дополнително ќе ги регулира и приватните летови со цел да воспостави зелени патувачки политики.

Министерот за транспорт Клемент Бон изјавил дека земјата веќе нема да ги толерира милионерите и милијардерите кои користат приватни летови, додека јавноста штеди за да се избори со енергетската криза и климатските промени.

Откако мерките за беа за прв пат претставени, тие наидоа на пречки од страна на Унијата на француските аеродроми и Европскиот Совет на интернационални аеродроми.

Ова предизвика детално прегледување на мерката од страна на Европската комисија.

Комисијата сепак ја одобри мерката, а таа ќе трае три години пред повторно да биде оценета од Комисијата.

Засега, мерката ќе функционира на рути меѓу Париз и Нант, Лион и Бордо, каде што постои опција за превоз со воз.

Мерката сега ќе биде фокус на јавна консултација и прегледана од францускиот Државен совет, а министерот Бон истакна дека тоа ќе се случи „што е можно побрзо“.