Фотографот што го расплака светот

Илјадници интернет корисници деновиве ја споделија фотографијата на сириското дете со рацете поставени нагоре во знак на предавање – но која е приказната зад фотографијата?

Оние кои ја споделија сликата беа трогнати од стравот во очите на девојчето, чинејќи се дека тоа гледа во буре со барут. Тоа, секако, не беше пиштол, туку фотоапарат кој го „фати“ моментот за сите да го видат. Но кој ја направи фотографијата и која е приказната позади неа? BBC Trending го пронајде фотографот кој ја направи фотографијата – Osman Sağırli и побара од него да објасни како дошло до таа слика.

Фотографијата стана вирална во вторникот минатата недела, кога фоторепортерката Nadia Abu Shaban од Газа ја постави на Твитер. Сликата брзо се рашири низ социјалните мрежи. „Јас всушност плачам“, „Неверојатно тажно“ и „Неуспех на човештвото“ беа само дел од коментарите. Оригиналниот пост е споделен повеќе од 11.000 пати. Во петокот фотографијата беше споделена на Редит, предизвикувајќи уште една бура од емоции.

Обвинувањата дека фотографијата е лажна или изведена, се појавија и на двете мрежи. Голем број од луѓето на Твитер прашуваа кој ја направил сликата и зошто била поставена без да биде наведен фотографот. Abu Shaban потврди дека фотографијата е нејзина, но не можела да објасни кој ја направил. Еден од корисниците на Имгур, сајт за споделување на слики, трагот на фотографијата ја пронашол во весник, тврдејќи дека таа е реална, но дека е направена „околу 2012 година“, и дека детето на фотографијата всушност е момче. На постот е именуван турскиот фотограф Osman Sağırli, како човекот што ја направил фотографијата.
BBC Trending разговараше со фоторепортерот, кој сега работи во Танзанија, со цел да го потврди потеклото на сликата. Детето всушност не е момче, туку четиригодишно девојче со име Hudea. Фотографијата е направена во кампот за бегалци Atmeh, во Сирија, во декември минатата година. Hudea била во кампот во близина на турската граница со нејзината мајка, сестра и со нејзиниот брат. Тоа е на околу 150 километри од нивниот дом во Хама.

ossag„Јас користев фотообјектив, а таа мислеше дека тоа е оружје. Сфатив дека таа беше преплашена откако ја направив фотографијата, и ја погледнав за да видам дека таа ги гризе усните и ги подига рацете. Вообичаено, децата бегаат кога ќе видат фотоапарат, ги кријат нивните лица или се насмевнуваат“, вели Sağırli, кој додава дека сликањето деца во бегалски кампови често открива нешто. „Знаете дека во камповите има раселени лица. Нивните страдања најдобро се изразуваат не преку возрасните, туку преку децата. Детето е тоа кое ги рефлектира чувствата, преку својата невиност.“

Сликата првпат беше објавена во весникот Türkiye, каде Sağırlı работел 25 години, во јануари. Фотографот низ кариерата покривал војни и природни катастрофи надвор од земјата. Фотографијата уште тогаш била многу споделуванана на социјалните мрежи во Турција. Но, поминаа неколку месеци пред сликата да стане вирална на интернетот со англиско говорно подрачје, пронаоѓајќи публика на Западот во текот на минатата недела.