„Жал ми е за децата од новата генерација“, „Лажат, сушат, градат, крадат“, „Канцер дивоградба“, „Плати ја ратата, врати ја каматата“. Ова се само некои од пораките кои со црвен спреј се испишани врз рекламните паноа на оградениот простор кај поранешниот култен ресторан „Парк“ во Охрид. Дел од испишаните пораки потсеќаат на стиховите од песните „Ратата“ на „3ject“ и Тони Зен и „Кензо Танге“ на „Druggy“.
На почетокот на август, со рекламни паноа беа покриени дел од тарабите кои ја зафаќаат целата парцела каде што се наоѓаше ресторанот. На нив може да се види планот за идниот изглед на хотелот кој ќе се гради на ова место. Истовремено наведени се и градежните компании кои се вклучени во изградбата, како и тоа кој го поддржува проектот за изградба.
Култниот ресторан и дискотека „Парк“ кои се наоѓаа на самото крајбрежје на Охридското Езеро беа срушени пред повеќе од една година. Ваквиот потег предизвика бројни реакции од граѓани, активисти за заштита на животната средина и архитекти.
Тогаш беше најавено дека на овој простор ќе се гради хотел на три ката, со приземје и поткровје на 4.525 метри квадратни.
„Парк“ беше изграден во 1970 година и е наградено репрезентативно архитектонско дело на Павел Балабан на Биеналето на македонската архитектура во 1989 година.
Некролог за „Парк“, местото кое не дочека да биде прогласено за Споменик на културата
Мартин Колоски