[Фото] Започна Младинска академија во Дојран

Меѓународниот ден на млади – 12ти август Младински образовен форум оваа година го одбележува со петдневна Младинска академија во рамки на проектот за Младинско изразување.

Академијата започна денес (12 август) и ќе трае до 16 август 2019 година, а се случува во Хотел „Истатов“, Нов Дојран.

100 учеснции на Младинскита академијата се млади од Скопје, Тетово, Битола, Велес, Куманово, Неготино и Прилеп кои во наредните 5 дена ќе следат една од програмите на младинската академија. Аргументирано изразување, Институции на Европската унија, Медиумска писменост, Средношколско учество и организирање се четирите програми во кои се поделени учесниците на оваа академија.

Покрај овие теми, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на низата изборни предавања, но и да дадат свој придонес во креирањето на првата Младинска декраларција која подоцна ќе биде презентирана пред институциите на национално ниво.

Првиот ден од академијата – меѓународниот Ден на Млади – учесниците го одбележуваат преку отворени дискусии, изборни предавања, младински игри  и запознавање со резултатите од истражувањето кое МОФ го спроведе во текот на минатата и оваа година а се однесува на Социјалниот капитал на младите во нашата земја.

„За жал, 46% од средношколците испитаници во истражувањето за Социјален капитал на младите немаат средношколска заедница во нивните училишта и не се вклучени во донесувањето одлуки на ниво на нивното училиште, а повеќе од три четвртини од младите не веруваат дека државните функционери се грижат за интересите на младите. Нешто повеќе од 70% од младите генерално немаат доверба во опкружувањето околу себе – верувајќи дека речиси сите општествени односи се водени од лични интереси“, соопштува МОФ.

100 млади во функција на учесници и предавачи на оваа академија нареднава недела ќе земат активно учество на оваа академија која на алтернативен начин кај младите ќе пренесе содржини кои воопшто или минимално се застапени во формалното образование.

Младинската академија е дел од низата настани со кој Младински образовен форум го одбележува својот 20ти роденден. Настанот е дел финансиран од Европската Унија. Академијата е поддржана од Град Скопје, Македонскиот центар за граѓанско образование преку проектот за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Американската амбасада.

МОФ е младинска заедница која создава простор за дебата, слободно изразување и  младинско организирање, охрабрува активизам, ги штити и унапредува младинските права и политики. МОФ ги остварува своите цели преку информирање, едукација, дискусија, соработка и  преку мотивирање и поддршка на младите.