[Фото] Вработените од „Охис“ повторно на улица за неисплатени плати

„Не бараме милостиња, си ги бараме изработените 24 плати“ беше транспарентот, закачен на мотор, кој утрово ја предводеше групата вработени од „Охис“ што протестираа по затворената улица „Димитрие Чуповски“ низ центарот на Скопје.

Работниците велат дека проблемот со неисплатените плати датира уште одамна – и од претходната, и од оваа влада.

„Оваа влада ни ветуваше дека ќе ни се исплатат платите. Работата се развлече, помина Нова година, де избори поминаа, ама плати – нема“, рече еден од работниците на протестниот собир што сакаше да остане анонимен.

„24 плати ни должат, од 2009 година навака. Сите досегашни власти не’ лажат. Бараме за нашиот проблем да бидат известени амбасадите, од Европска унија, сите“, дополни друг работник.

Луѓето со кои разговаравме напоменуваат дека ќе протестираат по улиците се додека не се најде решение за нивниот проблем.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пред неколку дена рече дека ќе направат се’ што е во нивна должност да им помогнат на вработените од „Охис“.

„Сите материјали за овој случај се дадени кај надлежните институции и доколку се утврдат неправилности, ќе направиме се да се заштити правото на вработените“, изјави Анѓушев на седницата за пратенички прашања.

 

Според Анѓушев, стечајната постапка за „Охис“ е завршена со ликвидација, а она што останува е да се заврши исплатата кон вработените. Вработените се сомневаат, како што посочи Анѓушев, дека пред да почне стечајот, се случиле криминални дејствија.

„Како Влада можеме да постапуваме преку институциите како што се Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи. Сите материјали од овој случај се дадени во овие институции. Ќе ја следиме состојбата и доколку се најдат наоди за некакви неправилности, ќе направиме се да се заштити правото на вработените“, истакна Анѓушев.

Б.Ш.