[Фото] Велосипедисти: Ни викаат дека Скопје ќе биде Велоград

Ни викаат дека Скопје ќе биде Велоград!  А се асфалтираат патеки на кои најважен е квантитетот, а не квалитетот. Брановиден асфалт, тешко совладливи рабници и различни физички пречки во профилот на велосипедската или пешачката патека. Ако не може бандерите, билбордите и знаците да ги ставиме на сред коловозна лента каде што возат оние со колите, зошто може истите да ги поставиме на патеките на кои треба да возат оние со точаците?, прашуваат од велосипедската иницијатива НаТочак, кои заедно со пријатели-волонтери ја спроведоа третата акција од приказната во неколку продолженија.

Велосипедистите потенцираат дека во плановите треба внимателно да се дизајнираат специјални зони за урбана опрема, кои исто како што не се коловозна лента, така нема да се сметаат ни за пешачка, ни за велосипедска патека.

„Скопје Велоград не е само асфалтирање на метри должни. Скопје Велоград (треба да) е визија дизајнирана од урбанисти, планери, архитекти, сообраќајни инженери вградена во сите нивоа на планирањето на градот“, нагласуваат од иницијативата.

Од таму велат дека сакаат велосипедска инфраструктура чиј дизајн ќе мотивира. Велосипедска инфраструктура која ќе ги повикува луѓето да ја користат.

„Сакаме велосипедска инфраструктура која ќе нуди безбедност и комоција. Која ќе биде не само за најхрабрите и највештите, туку и за најмладите и за највозрасните, за поплашливите и за помалку вештите, за СИТЕ граѓани. Само така Скопје ќе стане Велоград“, констатираат велосипедистите.