[Фото] Урбана акција во Скопје – прва помош на детските игралишта

Анонимни граѓански активисти спроведоа акција на уништените и несигурните игралишта во повеќе скопски населби. Тие поставија кутии со прва помош бидејќи на тие места секојдневно се повредува по некое дете.

„Акцијата е посветена на катастрофалната состојба на многу детски игралишта кои претставуваат опасност за децата кои таму играат. Скоро секое трето игралиште во Скопје е оштетено или несигурно. Со бројот на оштетени детски игралишта кои претставуваат опасност за децата предничат Скопските населби Карпош, Центар и Кисела Вода, додека во населбите Аеродром и Ново лисиче состојбата навидум е подобра, но таму пак игралиштата се направени генерално од метал и плех (за разлика од дрвото и обработенте профили кои преовладуваат во Центар и Карпош) кои се многу пооотпорни, но се со остри рабови и ќошиња кои сами по себе се опасност за децата“, соопштуваат активистите.

Според нив, најодржани, иако стари, се игралиштата во приградските населби како Илинден и Белимбегово.