[Фото] Трет ден блокада на патот кон рудникот Иловица

Распоредени во смени, жители и активисти и денеска го блокираат патот кон Огражден каде треба да се гради рудникот Иловица-Штука.

Велат дека се повеќе луѓе се приклучуваат во блокадите и од утринските часови ги зафаќаат позициите.

Блокадите ги започнаа откако изминатава недела се вршеа археолошки истражувања.

„Луѓето од Еуромакс со археолозите повторно не се појавија, но знаеме дека се собрани и чекаат во селото. Знаеме и за нивното обезбедување“, велат од „Здрава котлина“.

Активистите претходно изјавија дека веќе се испробани сите механизми за да ги убедат наджните да се одземе концесијата за Иловица-Штука на компанијата „Еуромакс“, па затоа продолжуваат со порадикални мерки.

„Денеска уште еднаш ја покажавме на дело нашата љубов кон татковината, кон природата, и ја покажавме уште еднаш на дело нашата решителност да го стопираме рудникот на смртта еднаш засекогаш. Излеговме една група од околу 50-60 луѓе со трактори, со автомобили и со цврста волја против рудникот на смртта. И можам да кажам дека ова беше успешно, бидејќи конвојот на Еуромакс Рисорсис беше спречен, тие се вратија назад и едноставно остана како што треба да биде. Ние сме домаќините, ние сме стопанот на оваа земја и ние одлучуваме кој ќе се движи по планината и каде ќе се движи“, рече активистката Милена Зафирова.

Тие очекуваат поголема масовност и поддршка од градоначалниците и советниците на општините Босилово и Ново Село.