[Фото] Протест пред Собрание за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Претставници на граѓански организации и иницијативи денеска излегоа на протест пред Собрание со цел да ги повикаат политичките партии итно да го усвојат Законот за спречување и заштита од дискриминација на денешната собраниска седница.

„Со неусвојувањето на овој Закон, пратениците и натаму покажуваат дека не им пречи што граѓаните се дискриминирани и лишени од механизми за заштита од дискриминација, особено оние кои се дел од ранливите групи и малцинства во државата“, велат тие.

Законот за спречување и заштита од дискриминација повеќе од 8 месеци е заглавен во Собранието.

„И покрај јавното ветување на пратениците од СДСМ, дека Законот ќе се усвои во најкус можен рок, на пленарната седница во четвртокот, без никаква оправданост и образложение, Претседателот на Собранието ја прескокна точката за гласање на овој закон од дневниот ред“, стои во реакцијата на граѓанските организации.

„Со ова, Собранието уште еднаш потврди дека потребите на граѓаните не му се приоритет на сегашното парламентарно мнозинство. Пратениците без проблем изнајдоа политички консензус за бројни закони со кои си самододелија уште повеќе привилегии, со кои се воведуваат нови работни позиции за вдомување на партиски кадри и се амнестираат лица за кои се покренати судски постапки. Дополнително, донесоа и низа закони со кои се попречува правдата, се разбира, на штета на граѓаните. Силно ја осудуваме реториката која ја користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на парламенатарната говорница, со која не само што ги етикетираат маргинализираните заедници, туку и отворено поттикнуваат дискриминација и насилство кон нив“, реагираат тие.

На протестот ги повикаа сите граѓани да им се придружат за заеднички да ги потсетат народните избраници дека правата на граѓаните не смеат да бидат условени од личните ставови и партиските игри.

Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација забранува дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Со Законот конечно би се надминале постоечките недостатоци, велат граѓанските организации.

Со него се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација, се воведуваат построги критериуми за избор на комисионерите, се предвидува спроведување на јавен избор на комисионерите и се воведуваат пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација. Потоа, се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација, а се препознава сегрегацијата како посебен облик на дискриминација, особено важна за ранливите групи кои секојдневно се соочуваат со неа (лицата со попреченост, Ромите и други ранливи групи) и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis), со што се овозможува и неформални групи и организации да можат да поднесат претставка во име на граѓаните во случај кога се дискриминирани поголем број лица.

Претходно, повеќе од 100 граѓански организации, сојузи, фондации и мрежи на граѓански организации го поддржаа овој закон и побараа негово итно донесување.