[Фото] Презентирани победничките трудови за ридот Кале

Во Музејот на современа уметност (МСУ) денеска беше отворена изложба каде се презентирани победничките решенија, но и останатите трудови за уредување на ридот Кале.

Изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ е дел од „Кале, културна тврдина“, проект што МСУ во соработка со Архитектонскиот факултет започна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој простор во центарот на Скопје.

Исто така, како што велат од МСУ, да понуди визија и концепти кои би го претвориле ридот во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.

Целта на Конкурсот беше развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чија основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.

„Во рамките на општите конкурсни рамки, од предлозите се очекуваше да ги нагласат природните предности на локацијата и нејзините културни и рекративни капацитети; топографската разновидност на местата од кои се пружаат глетките на градската панорама и на скопската долина. Втората важна задача за проектните предлози се однесуваше на Музејот на современата уметност како носечка програмска платформа за организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, перформативни, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници и други видови на интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани, и во таа смисла во делот на потесната локација на МСУ да предложат концепти за поставување на неколку привремени градби од павилјонски тип наменети за дел од музејските активности“, соопштија од МСУ.

Александра Шулевска и Кристоф Шлислер. Добитници на првата еднаква награда на конкурсот

Меѓународниот конкурс беше објавен од 5 април до 15 мај 2019. Ова е втора фаза на проектот, во кој финансиски е вкучен и Градот Скопје, како дел од ROCK проектот од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на ЕУ за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.

Градоначалникот Петре Шилегов на денешното отворање на изложбата рече дека е позитивно што на конкурс имаше голем интерес.

„Добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Ви благодарам што размислувавте како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу, многу поатрактивен“, рече Шилегов.

Радио МОФ претходно пишуваше за Конкурсот, за реакциите на архитекти што произлегоа во однос на целиот процес, роковите и тајмингот на изложбата, но и за визијата на архитектите-победници на повикот.

Архитектите Невенка Манчева Аџиевска и Ана Рафаиловска, во име на еден од победничките тимови „Модул“, рекоа дека идејата е локацијата да прерасне во културно-рекреативен акропол. „Модул“ предвидува интервенција која би се распостила на околниот терен, во два правци од музејот – кон тврдината и кон француските гробишта.

Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчевска Аџиевска. Добитници на првата еднаква награда на Конкурсот

Интервенцијата, нагласија архитектките, најпрво се состои во отстранување на објектите кои програмски, а и структурно квалитативно го хендикепираат просторот.

„Понатаму, се предвидува поставување на повеќенаменски парковски елементи и павилјони, од кои два се во функција на музејот како дополнителен простор за неформално изложување, предавања, работилници и сл., а еден за поширока употреба на посетителите на паркот. Со нашиот предлог целевме да постигнеме физичко и програмско поврзување на објектот на музејот од една и тврдината од друга страна. Од состојба на нивна меѓусебна исклучивост и некомуникација, гестот на поврзување ги обединува и го трансформира ридот во една програмска целина“, објаснија архитектите.

Од другото првонаградено решение, трудот со шифра „СО 162“ (SO 162), авторката Александра Шулевска нагласи дека нивното читање на локацијата е дека таа веќе содржи големи квалитети и нивното едноставно курирање би било доволно за значително подобрување на состојбата на локацијата.

„Нашиот предлог се фокусира на нагласувањето на тие квалитети, веќе присутни на локацијата, повеќе од самото имплементирање на нови елементи. Интервенциите, кои ние ги предложивме, се чувствителни и не го менуваат карактерот на ридот, туку го надополнуваат на начин кој и дозволува на музејската зграда да остане доминантна. Предложените павилјони се скромни по димензии, но имаат силен архитектонски карактер“, објасни архитектката од трудот „СО 162“.

Александар Врангоаллвски, Елеонора Поповска со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович. Добитници на третата награда на Конкурсот

Инаку, на Конкурсот вкупно аплицираа 17 трудови. Седумчлено жири додели две рамноправни први награди од 125.000 денари на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари му е доделена на проектот на Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович.

 

Бојан Шашевски