[Фото] Отворено првото кафуле за друштвени игри „Само“

Долги години повеќе луѓе, гејмери велат „многу сакаме да имаме кафич каде ќе се собираме, ќе играме друштвени игри“. И тоа цело време остана на „ќе биде“. Па сега, конечно, се отвори прилика да има таков момент, бидејќи најголем проблем за друштвените игри е локација. Луѓето не можат да најдат место. Секогаш има нешто како „де кај мене е зафатено, де моите се дома…“. Ова е место пристапно за сите, да дојдат, пивнат пијачка-две, да играат неколку игри, без разлика дали гостите ќе си донесат или ќе ги рентаат нашите игри, вели Ана Здравкова од тимот на „Само“, кое вчера се отвори на улица „Орце Николов“ (до „Бруклински“) во Скопје.

Здравкова во разговор со Радио МОФ гордо нагласува дека „Само“ е првото кафуле за друштвени игри во Македонија. Пријателско место за сите гејмери и гејмерки, но и оние што редовно не играат игри, а сакаат да се дружат, забавуваат заедно во атмосфера каде не се затворени по дома.

„Ако земат од нашата колекција, ќе има одредена цена за изнајмување на играта, а ако си земат свои, ќе треба да платат само за пијачките. Месецов ни е промотивен. Секоја игра чини 100 денари. Понатаму може ќе има различни цени, додека го најдеме најдоброто решение“, вели Здравкова.

Кога се споменува „друштвени игри“, многумина овој поим го поврзуваат со онлајн играње, нешто заедничко, но преку интернет просторот.

Ана Здравкова

„Денес имаше таков момент, кога дојдоа татко и син. Таткото ја гледа кутијата со играта, и прашува: ‘Ова се игра онлајн?’. А, другиот: ‘Не бе тато, на маса’. Кај нас моментално има баш оние што се викаат ‘social games’, т.е. социјални игри кои повеќе се базираат на интеракција меѓу играчите. Значи, од типот на ‘Cards against humanity’, ‘Joking hazard’, ‘What do you meme’… Ова се термини кои генерално им се познати на луѓето, но има и ‘потешки’, поточно, оние што не се во фазон на ‘Монопол’, иако ги имаме и ‘Монопол’ и ‘Ризик’. Значи, и игри што бараат повеќе внимание. Ги сметаме за преодни, за луѓето да се запознаат со светот на друштвените игри“, објаснува Здравкова.

Ако воопшто сите игри глобално се оценуваат од 1 до 5 според нивото на тежина, тогаш, вели таа, во „Само“ нивото стигнува до 3, иако има и покомплицирани, со повеќе делови. Голем дел од игрите им се набавени од „Гоблин“. Некои се порачани преку интернет, а дел се донирани од менаџментот.

„Јас имам донесено 3-4 игри. Исто и колегите. Некој можеби смета дека лично не го интересира, но таа игра е поинтересна за други, па ја носи. Така да, колекцијата е мeшана“, нагласува Здравкова.

Тимот е составен од млади ентузијасти. Од старт има тројца луѓе што бркаат менаџмент, нарачки, а таа во случајов е дизајнерот. Приказната е започната и од Дардан и Борис.

„Ова е искрена приказна од луѓе од ‘boarding game’ светот, луѓе што се познаваат меѓусебено. Сите сме вклучени за иста кауза, иста цел, друштвените игри соодветно да ги претставиме пред сите. Ова е нормална работа, светот го прифаќа (овој начин на играње и социјални собири)“, нагласува таа.

Дечките од кафулето за друштвени игри „Само“ имаат бааги идеи за тоа како би се развивало местото. Сега за сега, ентузијазмот ќе ги води, заедно со сите пријатели и гејмери да создаваат пријатна локација за кафе и „board“ гејмање, со отворена можност натаму да се одржуваат и турнири, разни собиранки.

„Тематски журки, турнирчиња во ‘Magic’, во ‘Hearthstone’, помали игри… Ќе видиме како ќе тера, како ќе се одвива работата. Да не зборам пред рака. Важно почнавме!“, констатира Здравкова.

Бојан Шашевски