[Фото] Обновено: Блокиран центарот на Скопје, Шарена револуција најави нови акции

Точно на пладне демонстранти од Шарената револуција блокираа неколку раскрсници низ Скопје, со што го стопираа сообраќајот во централното градско подрачје. За време на блокадата која траеше речиси половина час, три групи на граѓани се собраа пред раскрсниците кај Црвен крст, Соборниот храм и „Мавровка“.

Повеќе возила со регистарски таблици „Шарена Револуција“  ја блокираа раскрсницата кај Црвен крст, со цел да го привлечат вниманието на јавноста.

„Очигледно народот не знае што се случува во државата, поради тоа ги блокираме улиците за да го свртеме нивното внимание кон нас. Режимските медиуми само читаат она што ќе им го напишат, за нас мислат дека сме хулигани, а ние се бориме за нас подеднакво. Ние се бориме за едно праведно граѓанско општество“, вели Сека за Радио МОФ, која денеска за време на блокадата кај Црвен крст делеше флаери со барањата на Шарена револуција.

Демонстрантите најавија дека ваквите акции ќе продолжат и во наредните денови. Протестите траат осум седмици и се организираат секојдневно во Скопје и низ Македонија. Неформалното движење „Протестирам“ и Шарена револуција и за денес најавија протест, кој ќе започне во 18 часот пред СЈО.