[Фото] Нова урбана акција: „Ние ја описменивме половина Европа, а вие не можете ниту нашата Македонија“

Денес, во 2018 година, Македонија се уште има преку 40.000 неписмени граѓани, а дури две третини од младата популација во Македонија е функционално неписмена, велат креаторите на новата урбана-акција поставена во центарот на Скопје.

Инсталацијата, составена од молив и лист хартија на која пишува повеќе податоци за лошата состојба со образованието и образовната инфраструктура во земјава.

„Од 70 земји во светот, Македонија се наоѓа на 68. позиција, пред Косово и Доминиканска Република, според овој податок. Според последниот попис од 2002 во Македонија имало над 70.000 неписмени. Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и средно образование во регионот, со ова имаме значителен дел од младата популација којашто воопшто не е вклучена во образованието и има значително намалени шанси за успех во понатамошниот дел од животот“.

Креаторите во пораката пишуваат и дека во над 130 села децата учат во катастрофални услови, во училишта кои протекуваат, без пристојни санитарни јазли или затоплување, а додаваат и дека во преку 20 села училиштата се распаѓаат и се опасни за влегување во нив.

„Програмите, учебиницте и начинот на учење се исти како и пред 100 години, нашиот род замина на месечината и патува кон други планети, а во нашите читанки Орце се уште ора ореви. Свестете се, ние ја описменивме половина Европа, а вие не можете ниту нашата Македонија“, велат креаторите во својата порака.