[Фото] Младински акција – интерактивни катчиња и информативни табли во Градски парк

Сончево време, насмевки и бројни креативни идеи го исполнија Градскиот парк во Скопје изминатиов четврток. Оваа глетка го одбележа јавниот настан за промоција на младински акции и активности за меѓуетничка интеграција, каде учествуваа повеќе од 200 ученици од цела Македонија.

Учениците имаа можност, преку младинска акција и интерактивни катчиња, да ги споделат знаењата и искуствата кои ги стекнале во текот на изминатиот период од проектните активности.

Како дел од младинската акција, ученици од основните училишта од Општина Бутел поставија информативни табли низ Градски парк. Таблите беа на македонски и албански јазик, поставени со цел да се подигне свеста за заштита на животната средина.

Преку интерактивните катчиња пак, учениците ги презентираа идеите на кои работеле во текот на акциите поддржани од проектот. Беа поставени ликовно катче, катче за наука, спортско и сообраќајно катче. На нив учествуваа основци од Скопје, Велес, Валандово, Тетово и Желино.

Целта на настанот беше да им се овозможи на младите да ги споделат своите знаења, искуства и да прикажат позитивни примери за соработка помеѓу етничките заедници.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се спроведува од Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Младински образовен форум.