Фото-конкурс на МИА на тема „Слобода на медиуми“

Македонската информативна агенција – МИА распиша награден конкурс за фотографија на тема „Слобода на медиуми“. Првата награда изнесува 50.000 денари, втората 20.000 денари и третата 10.000 денари.

Краен датум за аплицирање е 10 септември, 2018-та, а добитниците на наградите ќе бидат објавени на 26 септември.

Право на учество имаат професионални и аметерски фотографи со испраќање на максимум три фотографии. Фотографиите треба да бидат исклучиво во JPG формат, а единствена дозволена корекција е острината и боите. Големината на фотозаписите треба да биде 3000 px со резолуција од 300 dpi.

Насловот на фотографијата и името на авторот да се напишат во фајлот (пр. 01_petar_petkovski_Sloboda). Апликантите треба да достават име и презиме, контакт телефон, краток опис на фотографијата (наслов на фотографија) на е-маил адресата fotokonkurs2018@mia.mk или директно во просториите на АД „МИА“ – Скопје на ЦД или ДВД.

Според условите на конкурсот, со поднесување на фотографиите учесникот изјавува дека тој/таа е автор на фотографијата и единствен сопственик на авторските права. Учесникот ги задржува авторските права на фотографијата, но исто така, гарантира потполно и бесплатно право на органозаторот да ги користи. Потребно е и фотографиите да не биле наградувани на други фото-конкурси.

Повеќе информации за конкурсот може да прочитаат на веб – страницата на МИА – www.mia.mk.