[Фото] Кафетериите се отворија, охриѓани го пијат првото кафе по изолацијата

Центарот на Охрид се наполни, охриѓани денеска уживаа во топлото време и ги исполнија градските улици. Некои од нив одлучија и да го испијат првото кафе после изолацијата, поточно, по повеќе од два месеци откако на 14 март беше донесена одлука да се затворат кафетериите.

Новата нормалност, терминот кој зачестено го користат властите постави нови правила за игра и ги отклучи кафетериите и угостителските објекти, но, со посебен протокол и мерки за заштита.

Протоколот за отворање и работа на кафетериите пропишува дека работното време е ограничено, односно, тие можат да работат од 8 до 22 часот. Организирањето прослави е забрането, вработените кои послужуваат мора задолжително да носат заштитни маски, но и зачестено да одржуваат хигиена на раце.

Во протоколот исто така е наведено дека е задолжително поставување дезинфекционо средство за раце на секоја маса.

покрај менијата, декор на масите во кафулињата од сега се и средствата за дезинфекција

Моментално е дозволена работата само на отворените делови, односно, терасите од кафетериите кои се отворени од три страни, со кровна конструкција.

Во просторот за послужување гости и каде се поставени масите, треба да е обезбедено растојание од столче до столче од 1.5-2 метри со соседните маси во сите правци. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, односно, може да се послужуваат четири лица доколку тие се од исто семејство.

Исто така, на крајот на смената наведено е задолжително механичко чистење и дезинфекција. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително е користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Инаку, денес во земјава регистрирани се 38 нови случаи на Ковид-19, 16 оздравени, но и три смртни случаи.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 2.077, бројката на оздравени пациенти е 1.486, на починати е 122, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 469 лица.

МЗ: 38 новозаразени, 16 оздравени и тројца починати од Ковид-19, меѓу нив и здравствен работник

М.К.