[Фото] Извидничката што му се спротивстави на неонацистот стана симбол на отпорот

Фотографијата на која се гледа како извидничка од Чешка храбро се спротивставува на неонацист за време на марш во Брно набрзо стана симбол на отпорот и започна масовно да се споделува на социјалните мрежи.

На неа е прикажана 16-годишната Луси Мусликова која стои наспроти гневниот десничарски демонстрат.

Мусилкова е една од бројните извидници кои се приклучија на контра-протестите за врема на маршот за Први мај, кој го организираа неонацистите, во вториот по големина град во Чешка.

Според чешките медиуми, контра-демонстрантите биле двојно побројни од десничарите, кои биле околу 150.

Владимир Цицманец, кој ја направи фотографијата со Мусилкова за Си-Ен-Ен вели: „Таа цврсто стоеше, има 16 години, но гордо стоеше и кажа значајни аргументи“.

Цицманец, кој беше дел од контра-демонстрацијата, рече: „Сакавме да им покажеме на неонацистите дека тие не се добредојдени овде. Оваа година, контра-демонстрациите беа за да ги исмееме нацистите“.

Светската организација на извидничкото движење ја објави фотографијата на нивната Фејсбук страница со пораката: „Луѓе од сите сфери на животот, и извидниците меѓу нив, излегоа на улиците за време на екстремно десничарски марш вчера, за да ја изразат нивната поддршка на вредностите за диверзитет, мир и разбирање. Создавајќи подобар свет!“.

На последните парламентарни избори во Чешка, во 2013 година, десничарската партија „Директна демократија“ доби речиси 7 отсто од гласовите.