[Фото] Избрани најдобрите дебатери почетници за 2018 година

Во СУГС „Орце Николов“ од 21 до 23 декември се одржа 10. Национално дебатно првентство за почетници, каде беа избрани најдобрите дебатери.

Ова првенство традиционално е организирано од Младински образовен форум (МОФ) и е најголемиот дебатен турнир, кој организацијата го одржува секоја година со цел да им овозможи на своите членови – дебатерите почетници да ги одмерат во пракса своите дебатни вештини стекнати за време на предавањата по дебата и аргументирано изразување.

На турнирот учествуваа повеќе од 150 дебатери – натпреварувачи, судии и волонтери од дебатните клубови на МОФ во Скопје, Велес, Тетово, Куманово, Битола и Прилеп.

Турнирот траеше три дена и вклучи 5 прелиминарни рунди, полуфинале и финале.

Победник на јубилејното издание беше тимот составен од Тодор Усовиќ, Исак Мисини, Дорис Христовска, додека второ место на турнирот беше тимот составен од Мартина Поповска, Александар Ступар и Мишел Јовановска.

На турнирот беа прогласени и најдобрите говорници дебатери: Ирена Димеска, Михаела Трајковска, Јована Ангеловска.

Во изминатите неколку дена, младите средношколци, учесници на турнирот ги предизвикаа сопствените ставови и дискутираат за демократските вредности и политичките режими на владеење дебатирајќи на тезите „Овој Дом претпочита технократска автократија пред популистичка демократија“ и „Oвој Дом верува фека силна диктатура е подобро од слаба демократија“.

Ова дебатно првенство имаше за цел да промовира компетитивност помеѓу младите базирана на организирана и аргументирана дискусија.

Националното дебатно првенство за почетници е поддржано од Меѓународната дебатна образовна организација – ИДЕА и Програмата Европа за граѓаните на Европската Унија.

МОФ се заблагодарува на Виталиа ДООЕЛ и СУГС „Орце Николов“ за поддршката при реализација на ова дебатно првенство.