[Фото] ГТЦ доби галерија на урбана и графити уметност „Градот убав“

Скопје доби ново урбано обележје. Бунтовниот дух на уличната уметност е пресликан во галеријата на графити и мурали „Градот убав“ во ГТЦ.

На конкурсот на првата „Галерија на отворено” беа пријавени четириесетина уметници, од кои половина одбрани за уметничката реализација на проектот.

Повикот за 20 авторски содржини беше распишан од МКЦ, а поддршка дадоа Град Скопје, но и ГТЦ со просторните капацитети.

Целта на интервенцијата беше да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година.

Според иницијаторите, покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор, кој е еден од најзначајните објекти од современо Скопје.

Артистите кои работеа на галеријата се: Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски – Драш, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски – Страјк, Цветан Неделковски, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски – Флим, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими – Есием, Зоки Мише – Шума, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска, а идеен автор и проектен координатор е архитектот и уметник Филип Конески.

Проектот е дел и од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation), која претставува мрежа на 14 партнерски градови и институции (меѓу кои и Градот Скопје и МКЦ), на европското културно богатство и разноликост, чија цел е промоција на меѓународниот креативен сектор преку тренинзи, размени и изложби на визуелни артисти.

 

Фото: МКЦ