[Фото] Белград воведе автобус со носач за велосипеди

Првиот автобус во Србија кој поседува носач за велосипеди од денеска започнува да сообраќа секојдневно на линија Белград – Кладово, соопшти српското Здружение „Улици за велосипедистите“.

Откако минатата година беше отворена Ѓердапската велосипедска рута, се укажала потребата таа да биде подостапна за сите велосипедисти и љубители на активниот одмор. Германската организација за меѓународна соработка ГИЗ и Дунавскиот тренинг центар, во партнерство со превозникот Арива Литас обезбедија специјален носач кој може да понесе пет велосипеди. Автобусот започна да сообраќа на линијата Белград-Кладово-Белград секојдневно во шест термини, почнувајќи од 6 часот наутро, а последниот автобус за враќање е во 21 часот.

Цената на повратниот билет е 2 300 динари, а во еден правец изнесува 1 550 динари. Користењето на носачот е бесплатен.

Оваа рута се состои од шест помали рути прилагодени за различни групи – од најлесни за фамилијарно возење, до најтешки за љубителите на екстремните спортови. Велосипедската патека е идеална за возење во текот на летната сезона, а сите заинтересирани можат да се запознаат со нејзината површина и атркации со помош на бесплатната апликација Iron Gate Cycling, која е достапна за сите телефони, или на сајтот www.irongatecycling.com.

Петнаесет природни и културно-историски атракции се мапирани на оваа рута – седум во Србија и седум во Романија и една заедничка – хидроелектраната Ѓердап.