[ФОТО] Артивистичка акција во Штип – „Неодговорното однесување има своја цена“

Преку повеќе инсталации поставени на јавни места „Штип арт“ активистите спроведоа уште една акција поврзана со неодговорното однесување на работодавачите, превозниците, работниците и институциите.

Тие велат дека преку оваа акција сакаат да ја потенцираат неодговорноста и непочитувањето на насоките и мерките за заштита дадени од Светската здравствена организација и Кризниот штаб, поради која, според нив, граѓаните на Штип и околината не можеа да се заштитат од ширењето на заразата со Ковид-19. 

„Сакаме да пренесеме порака дека неодговорното однесување си има своја цена и истото е претставено преку банерот кој е поврзан со претходната акција. Претходно во автобусите се возеа суперхероите на Штип, но денеска тие се полупразни бидејќи во нив се ширеше заразата со корона вирусот. Автобусите сега, наместо супер херои, превезуваат вируси на Ковид-19. Исто така, пред текстилните фабрики, Општина Штип, Плоштад “Слобода” и градскиот пазар се поставени инсталации со фискални сметки, фактури и парагон блок на кои ги има податоците со бројот на заразени и мерките кои беа прекршувани како показател дека неодговорното однесување и непочитувањето на мерките резултира во зголемениот број на заразени, дијагностицирани, хоспитализирани и починати“, велат активистите.

Од „Штип арт“ апелираат сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидат одговорни и  солидарни во заштита на колективното здравје во градот.