[Фото] Активисти поставија ѓулиња со синџири на возилата узурпатори: Добредојдовте на Стариот Див Исток!  

Единицата за брзи артивистички интервенции преку герила-акција постави ѓулиња со синџири на тркалата на автомобилите што узурпираат јавен простор.

Според активистите, ова е казна за непочитувањето на сообраќајните правила и уништувањето на животната средина за сите кои се паркираат каде што ќе им текне.

„Дали ова ќе бидат доволно возачите да се сетат каде е вистинското место за нивните автомобили и најважно, да помислат на другите граѓани?“, прашуваат активистите.

Од таму реагираат дека низ Скопје се паркира кој каде ќе стигне. Колони возила стојат паркирани на улици, булевари, тротоари, на најпрометните места во градот, а парковите и тревниците се претворени во паркинзи.

„На тротоарите се паркирани возила, а пешаците, родителите со детски колички и лицата со попреченост мора да одат среде улица со сериозни ризици по нивната безбедност. Таква е сликата за Скопје и сообраќајната култура на граѓаните. Одметнатите ‘шерифи’ од владеењето на правото се надмоќни над ‘пајаците’ и обичните граѓани. За нив ‘Не паркирај, бушам гуми!’ е само смешен графит!“, потенцираат активистите.

Затоа, велат тие, единицата за брзи артивистички интервенции ја зеде правдата во свои раце.

„Произведовме ефектно помагало за непрописно паркираните автомобили – секое непрописно паркирано возило ќе биде казнето со најстрога казна – доживотна робија“, соопштуваат активистите.

Акцијата е дел од проектот на Единицата за брзи артивистички акции финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.