Формирана младинската организација „Мугра“: Промената доаѓа од внатре

Бесплатно високо образование, подобар студентски стандард, укинување на Болоњскиот систем, но и на приватните универзитети се дел од целите на новата младинска организација „Мугра“, составена од студенти, средношколци и останати млади лица.

Идејата врз која оваа организација се заснова е пред сѐ да ги рашири прогресивните идеи помеѓу младите, а потоа и да се стреми кон нивно спроведување во општеството. Организацијата, како што стои на нејзиниот блог, се залага за слобода, рамноправност, солидарност, антинационализам и заедништво, наместо натпревар.

„Младинската организација „Мугра“ е збир од млади луѓе кои се обединети од исти идеолошки вредности, кои веруваат во она за што се борат, и кои се стремат во спроведување на она што е замислено“, вели Стефан Видиков од „Мугра“ за Радио МОФ, нагласувајќи дека нема да останат глуви и неми за проблемите како невработеноста кај младите и дискриминацијата.

Видиков посочи дека она што ја прави оваа организација поразлична од веќе постоечките е поставеноста, вредностите и целите. Во основата на организацијата се членовите и конгресот, кој претставува пленум на сите членови на организацијата и се одржува три пати во годината, или на секој четврти месец.

Конгресот е место каде што секој член на организацијата ги предлага своите идеи за конкретни акции и со заедничко гласање се избираат најизводливите предлози. Врз основа на акциите одбрани преку гласање се формираат акциони тимови, кои понатаму ќе ја имаат обврската во даден временски рок да ги спроведат. На конгресот преку гласање се бираат и членовите на акционите тимови. На секој конгрес се избира и технички тим чија задача би била организирање и техничко спремање на наредниот конгрес и информативните состаноци. Покрај конкресот, организацијата ќе има и иницијативен одбор составен од нејзините основачи и ќе располага со извршна функција – пишува на нивниот блог.

„Најпрво насочени сме кон студентите, нивно информирање, бидејќи секоја промена доаѓа од внатре. Ќе се насочиме кон промена на факултетската поставеност, односно промена на Болоњскиот систем и бирократизацијата на факултетите, а притоа ќе ги искористиме сите методи кои не се спротивставуваат со нашите вредности и цели“, најавува Видиков.

Оставарувањето на нивните цели, според Видиков, ќе го започнат со институционална борба, но не исклучуваат и протести како начин за спроведување на нивните идеи.