Finder: На Македонија ѝ се доволни 0,6 отсто од површината за да се снабдува со соларна енергија

Потребно е 160 квадратни километри да бидат прекриени со соларни панели за целосно да се задоволат потребите за струја на македонските граѓани, оценува британската веб-страница Finder.com. Тоа значи 0,6 отсто од површината на државата.

Од Finder.com проценуваат колкава површина секоја држава треба да одвои за поставување на соларни панели за да ги исполни своите енергетски потреби. Според нив, постојат два главни фактори: количината на сончева енергија што земјата ја добива и количината на енергија што ја користи.

„87 отсто од државите можат да се снабдат со електрична енергија користејќи помалку од 5 отсто од нивната територија“, покажува нивното истражување.

На само три места од нивната листа им се потребни повеќе соларни панели од површината што ја имаат: Сингапур (830 отсто), Хонг Конг (213 отсто) и Бахран (156 отсто), бидејќи како што наведуваат од Finder.com, станува збор за мали и густо населени држави.

„Во целост, би ни требале околу 1,1 милиони квадратни метри соларни панели за напојување на целата земја, што е помалку од површината на Јужна Африка. Иако, се разбира, не можеме да ја покриеме Јужна Африка со соларни панели, ако се прошири оваа површина низ светот изгледа како нешто што би можело да се постигне во иднина“, велат од Finder.com.