Филмска вечер во четврток во „Младите можат“

Во четврток во 19:00 часот, во просторот на „Младите Можат“ ќе се одржи проекција на филмот „The Motorcycle Diaries” по што ќе следи дискусија.

„Турбулентните времиња бараат инспиративни филмови чии содржини поттикнуваат позитивни мисли и желба за активност. Токму затоа проценивме дека ни е потребен еден филм како “The Motorcycle Diaries” – филм базиран врз вистинити настани околу тоа како младиот Че Гевара се инспирира, а потоа и одлучува да го промени светот.

Колку од вас се нашле во ситуација кога будно размислувале за промена, меѓутоа секогаш имало нешто што ги спречува, одредено отсуство на мотивација, токму онаа потребна да се направи промена? Колку од вас посакале да бидат фигури кои ќе поттикнат нов цут но сфатиле дека им отсуствува одредено чувство на спонтана (но мирољубива) бунтовност?

Филмот “The Motorcycle Diaries” претставува увид во младиот ум на човек познат по своите идеали, произлезени, несомнено, од неговата желба да го осознае и подобри светот околу него; увид во еден младешки копнеж за авантура, остварен преку патување со мотор низ Јужна Америка. Токму тој не учи дека животот постојано повикува и дава шанси, а промената не доаѓа сама од себе… но и остава многу прашања за дискусија, која се надеваме дека ќе ја оствариме заедно со вас“, се вели во најавата за настанот.