Филмска сцена, уметнички акт или шега? Мистерија со автомобил кој виси од мост во Торонто

Полицијата и случајните минувачи биле збунети откако изгорен автомобил бил пронајден како виси под мост во канадскиот град Торонто додека над него нормално се одвивал сообраќајот.

Дали се работи за стравична несреќа? Уметнички проект? Шега?

За кратко време, откако вчера било забележано синото возило, пристигнала полицијата, службите за брза помош и пожарникарски екипи. Закачен за кабел, мистериозниот автомобил лебдел над зеленило и не претставувал проблем по јавната безбедност, информирале властите.

Полицијата најпрвин соопштила дека сцената е дел од филмско снимање. Но, откако разговарале со градските власти, тие го повлекле ова објаснување. Властите посочиле дека немало дозвола за никакво филмско снимање и полицијата сега истражува како всушност автомобилот се нашол во таа состојба.

Автомобилот нема никакви идентификациски ознаки, како регистарски таблички, додека недостасуваат и повеќе прозорци.

„Само што ги видов сликите и сум вчудоневиден од тоа како автомобилот завршил таму“, рекол во изјава за медиумите градоначалникот на Торонто, Џон Тори.

Шпекулациите започнале да се шират на социјалните мрежи: „Што е почудно: фактот дека автомобил виси на јаже под мост, или тоа што никој нема идеја зошто или како автомобилот се нашол таму?“, напишал еден корисник на Твитер.

Друг посочил за забуната околу тоа дали автомобилот е поврзан со филмско снимање, прашувајќи: „Дали камерите, екипата или актерите се кријат? Дали го завршиле снимањето и едноставно заборавиле на висечкиот автомобил?“.

Илјадници теории потоа се развиле во интернет сферата за да го објаснат мистериозниот автомобил, поврзувајќи го со сè – од вонземјани, до шега која ја направиле ученици на крајот на учебната година – бидејќи слична ситуација имало со студенти по инженерство во 2001 година, кога поставиле автмобил „буба“, обвиткана со канадско знаме, да виси од мостот Голден Гејт во Сан Франциско.

Неколку часа откако било забележано возилото, пожарникарите од Торонто успеале безбедно да го спуштат на земја. Полицијата соопштила дека продолжуваат да го истражуваат настанот.