Филипинците со 10 часа дневно се светски рекордери во времето поминато на интернет

Југоисточна Азија е најактивен регион во светот според користењето интернет, а листата ја предводи Филипини каде граѓаните поминуваат онлајн по 10 часа и 2 минути секојдневно.

Меѓу првите пет држави се уште и Бразил, Тајланд, Колумбија и Индонезија според новото истражување за интернет навиките „Digital 2019“ , кое го изработија „HootSuite“ и „We Are Social“.

Држави од Азија се наоѓаат и на другиот крај на листата, како на пример жителите на Јапонија кои поминуваат најмалку време на интернет – просечно по 3 часа и 45 минути дневно. Во долниот дел од листата се наоѓаат и Германија, Франција, Холандија и Швајцарија. Светскиот просек изнесува 6 часа и 42 минути.

Истражувањето покажува и дека 57% од светската популација е поврзана на интернет и просечно поминува 6,5 часа онлајн дневно.

Податоците од извештајот покажуваат дека најголемиот дел од времето на интернет се поминува преку мобилни уреди, а најчесто од тоа време корисниците го поминуваат на социјалните мрежи. Истражувањето покажува и огромен пораст на бројот на нови интернет корисници.

„Големото откритие оваа година е забрзувањето на растот на интернет корисниците. Повеќе од 360 милиони луѓе за прв пат се вклучиле на интернет во 2018 година, просечно по еден милион нови корисници секојдневно“, вели авторот на извештајот Сајмон Кемп.

Земјата со најголем раст на интернет корисниците во 2018 година е Индија, каде истовремено постои голем проблем во справувањето со виралните лажни вести. Земјата добила скоро 100 милиони нови корисници минатата година, двојно поголем раст од оној на Кина.