Филипче: Се подготвуваат 16 мини инфективни одделенија во болниците за пациенти со коронавирус

Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека здравствениот систем веќе два месеци интензивно се подготвува за есенскиот период со зајакнување на постојните јавно-здравствени установи за третман на пациентите со коронавирус.

Тој најави дека 16 болници низ Северна Македонија ќе добијат мини-инфективни одделенија.

„Веќе е инсталирана модуларна болница до Инфективната клиника. Тоа е капацитет од 70 кревети. Со тоа сериозно се зголемува капацитетот на Инфективната клиника, која има 110 болнички кревети. Понатаму, зголемување на бројот на болнички капацитети во сите 16 болници по овој модел. Со тоа, тие 16 болници би добиле вакви модуларни мини инфективни одделенија со цел самите болници, со сега посебните објекти, да останат целосно „чисти“ за да може нормалната патологија што се работи едноставно да не трпи – пациентите да можат да добијат здравствена услуга, да не се креираат листи на чекање. Исто така, ќе се инсталираат на апарати за дијагностика во сите овие центри за брза дијагноза на вирусот.“, потенцираше министерот Филипче.

Тој информираше и дека вчера беше отворен нов Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации.

„Од вчера првпат функционира новиот контролен и координативен Центар во рамките на Министерството, којшто го отворивме со помош на Светската здравствена организација и каде електронски ќе почнат да се собираат и анализираат сите епидемиолошки податоци од прашалниците, кои ќе се дистрибуираат до соодветните служби до санитарниот инспекторат, Министерството за внатрешни работи. На тој начин многу се олеснува работата, но и увидот во овој епидемиолошки дел од целата оваа стратегија“, рече министерот Филипче.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.