Филипче: Нови 19 случаи со коронавирусот, вкупно 67 заболени

Министерот за здравство, Венко Филипче, преку својот Твитер профил соопшти дека во текот вчерашниот ден се регистрирале уште 19 нови случаи на заболени со коронавирусот Ковид-19, со што бројката на заболени во С. Македонија се искачи на вкупно 67 лица.

Два од новите случаи биле дијагностицирани преку Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), додека другите 17 случаи се регистрирани преку Клиниката „Жан Митрев“, а нивните резултати ќе бидат потврдени во текот на денот, информираше Филипче.

Меѓу двата нови пациенти дијагностицирани преку Институтот едно лице е од Скопје – контакт на веќе потврден и дијагностициран пациент од Скопје, и едно од Охрид – дојдено од Бреша, Италија кое било во контакт со потврдени и заболени пациенти од коронавирус во Италија. Вчера попладне и во текот на ноќта преку ИЈЗ на коронавирус биле тестирани вкупно 71 лице, меѓу кои и двата нови случаи.

Најголем дел од тестирањата направени преку ИЈЗ се во рамките на раниот скрининг, кај лица со поширока индикација, информираа од Министерството за здравство.