Филипче: Невакцинираните деца нема да се примаат ни во училиште ни во градинка

Децата нема да се примаат во градинка и училиште доколку се невакцинирани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, откако мултисекторска група заклучила дека постои основа за ваква забрана по разгледување на сите важечки закони.

Забраната, според министерот, се носи повикувајќи се на одлуки на Уставниот суд кој претходно одлучувал по преставки на родители во 2014 и 2015 година, во кои е наведено дека никој нема право да го загрозува јавното здравје или пак правото на детето да биде здраво.

Министерот појасни дека мултисекторската група ги разгледувала сите важечки закони и заклучиле дека има позитивна законска регулатива и покрај контрадикторноста во Законот за основно образование, каде стои дека тоа е задолжително за секое дете. Меѓутоа, како што рече, има многу прецизно дефинирани членови во законите за здравствена заштита и за заштита на населението од заразни болести и во правилиците за имунизација дека децата мора да се вакцинираат.

„МРП вакцини има сосема доволно, веќе има и нови количества од новата набавка и тие до петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје. Имаше недостиг на одреден тип вакцини (полио), заради тоа што со постапката за набавка тој тип вакцини се замени со сосема нов. Стануваше збор за ревакцина, а не за редовна и не станува збор за морбили. Ја заменивме со нов ацелуларен тип, кој дава помалку реакции при вакцинирањето и е тренд во светот, додал Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на Светскиот ден на хемофилија, пренесе МИА.