Филипче: Координативно тело ќе ја следи состојбата со вакцинацијата на децата

Во фаза е формирање Национално координативно тело за вакцинација, кое ќе ги следи состојбите и ќе работи на осовременување на календарот и на контролата на вакцинација за имунизација, рече денес министерот за здравство Венко Филипче.

Како ресорно министерство работат да ја сменат сликата во однос на вакцинацијата во земјата во која, тврди тој, порано имало поголем степен на имунизација, но денеска не е така.

„Ќе промовираме кампањи да ја подигнеме свеста и на населението и на здравствените работници, за бенефитите од вакцинацијата, да воведеме нови вакцинации во календарот, а календарот да го осовремениме со заменување на старите со нови вакцини. Имаме обврска да се вакцинираме самите и да ги вакцинираме нашите деца“, изјави Филипче на денешниот хепенинг кај Школка во Градски парк по повод Европската недела на имунизација.

Според Филипче, постои голем ризик дел од болестите кои со години наназад се искоренети, да се вратат назад, односно да ги донесат патници од земјите каде што тие се присутни и да се заразат невакцинираните деца.