Филипче: Ако епидемиолошката состојба е стабилна и други одделенија постепено ќе се враќаат во училиште

Почетокот на учебната година е сериозен ризик да се влоши епидемиолошката ситуација затоа што голем број деца би биле во една или повеќе затворени простории со можност да комуницираат многу интензивно во текот на денот, повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе, истакна министерот за здравство Венко Филипче, во изјава за „Сител“.

„Протоколите кои ги изготвивме се базираат на истите универзални принципи за заштита од болеста и спречување на ширење на вирусот. Тоа е носење на маска, одржувањето на дистанца и задолжителното често миење и дезинфекција на рацете. Нашата препорака да има физички присутни деца од првите три одделенија е со цел да се намали бројот на деца што би присуствувале во училиштето, во училниците. Бидејќи децата сигурно ќе се среќаваат на влезот, на почетокот и на крајот на денот и за време на одморите, препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите, а овие три одделенија да почнуваат во различно време со временска разлика од 10 минути. Сакаме да ги избегнеме лошите сценарија коишто ги видовме во земјите кои целосно ги отворија училиштата. Децата се преносители на вирусот, а нашата анализа покажа дека најлесна форма и најмалку процентуално, под 4%, заболуваат најмалите деца до 9 години“, изјави тој.

Министерот потенцираше дека дадена е препорака за онлајн настава со неколку исклучоци. Целта, според него, е децата да имаат комбинирана настава, но тоа постепено да се воведува.

„На почетокот, со физичко присуство почнуваат најмалите од прво до трето одделение и на барање на основачот, на општините, школите коишто имаат мал број на деца во класовите или мал број на класови во училиштата. Понатаму, дел од стручните училишта коишто праксата мора да ја изведуваат во самите училишта. Ќе ја пратиме епидемиолошката ситуација. Доколку таа остане вака стабилна како што е сега, овој тренд на намалување мало, но сепак намалување на бројот на случаи и намалување на бројот на пациенти коишто се лекуваат во болниците, што се едни од за нас најважните индикатори како се менаџира кризата и каква е ситуацијата со епидемијата, ќе се дозволи постепено враќање со физичко присуство и на други ученици од други одделенија.“, рече Филипче.

Во меѓувреме, се очекува да се донесат протоколите за наставата со физичко присуство.

„Протоколите за организирање на наставата со физичко присуство во училница се изработени од страна на Министерството за образование и наука и усогласени со Комисијата за заштита од заразни болести. Истите се доставени и до Владата од каде по конечното усвојување ќе бидат објавени во Службен весник и споделени со јавноста“, велат од МОН за Радио МОФ.