ФХ3Х дел од филмскиот проект „Tomorrowland“

Македонската компанија ФХ3Х работеше на проектот Tomorrowland: A World Beyond како дел од екипата на најстарата, најголемата и најистакнатата компанија Industrial Light & Magic, соопшти Кристијан Даниловски, еден од сопствениците на оваа компанија.

Според Даниловски, на проектот работеле 70 артисти, што претставува најобемен проект досега во целокупното нивно работење.

– Работењето на Tomorrowland за нас претставуваше посебно задоволство, бидејќи работевме како дел од тимот на Industrial Light & Magic и во нашата долгогодишна соработка, ова беше најобемниот проект. Вкупно 70 наши артисти работеа во текот на девет месеци. Се работи за еден особено интересен, ретро футуристички филм, со исклучителна динамика, кој ќе успее да ви го задржи вниманието во текот на двата часа прикажување, изјави Даниловски.

Режисерот ветеран на студиото Pixar, Brad Bird заедно со сценаристот и продуцент Damon Lindelof ја создадоа оваа оригинална авантура „Tomorrowland: A World Beyond“.

George Clooney ја игра улогата на човек, измачен од славата која ја имал како дете гениј, кој не одолева на шармот на умната, научно свесна и љубопитна тинејџерка Кејси Њутон (Britt Roberston), да се вратат во мистериозниот свет наречен ‘Tomorrowland’.

Филмот ќе почне да се прикажува од вечерва во скопските кина.