Фестивалска сезона за краткиот игран филм „48“ на Владимир Митревски

Краткиот игран филм „48“ на режисерот Владимир Митревски ќе биде прикажан на повеќе фестивали во претстојниот период, а фестивалската сезона ја започнува со специјализираниот фестивал за кратки филмови „Nida short film festival“ во Литванија.

Потоа следат фестивалите „Beast international film festival” во Порто, „Gozo IFF” во Малта, „Gоа international short FF” во Гоа, Индија, по што премиерно ќе биде прикажан пред битолската публика на интернационалниот  фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Филмот „48” е приказна за млад свештеник кој својот живот го има посветено на црквата со даден завет за целибат. Неговиот концепт за живот комплетно се менува откако на 48 часа пред крајот на светот, тој решава да му подлегне на искушението кое дотогаш го дефинирало како личност – сексот.

Главната улога во филмот ја толкува Димитрија Доксевски, заедно со Горан Стојановски и Сара Климоска. Филмот се снимаше минатата година во Скопје, а авторска екипа ја сочинуваат: Наум Доксевски, директор на фотографија, Владимир Зафирковски, сценограф, Раде Василев, костимограф, Филип Грчевски, монтажер, Игор Поповски, дизајнер на звукот и Огнен Антов кој е продуцент на филмот.

Филмот е направен во продукција на Дрим Фектори, а летово ја имаше својата премиера пред скопската публика.