Фестивал на краток филм „Drim Short 2019“ во Струга

Tретото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“ од 27-ми до 29-ти декември ќе се одржи во Струга под мотото „Погледни под површината“.

„Под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или корегирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од „под површината” секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење, се крие културниот портал кон магијата на филмот, Drim Short 2019“, велат од фестивалот.

На фестивалот ќе бидат прикажани 40 различни кратки приказни од светот, а за првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави нашиот селекторот Иван Бакрач. Филмската програма ќе се заокружи со гостинска програма од реномираниот фестивал на кратки филмови „Interfilm“ од Берлин.

Годинава мастерклас ќе одржи Ингрид Бирбаум, новинарка, филмски критичар и селектор на документарната програма на„ interfilm“, на тема ,,Како до фестивалска дистрибуција на краткиот филм” и ,,Медени разговори” со режисерите на ,,Медена земја” Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства за кратката филмска форма и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. За крај е најавена музичка ОФФ програма како неизбежен белег на фестивалот.

„И оваа година ќе се обидеме да анимираме нови простори во градот, создадени или рекреирани специјално за фестивалот Drim Short во НУЦК ,,Браќа Миладиновци “- Струга. Со тоа не само што ги носиме луѓето назад во кино и во матичната институција, туку пред се’ создаваме импровизирани кино сали ,,под површината” и таму каде што ги нема. Целта е да се заживеат на поинаков начин некои сегменти од институциите кои никогаш не се користат или имаат сосема тривијална намена. Истовремено, да укажеме на потребата од мала кино сала која на градот му е неопходна во зимскиот период“, порачуваат од фестивалот.