Издавачкиот центар ТРИ најавува дека д 25 до 27 септември во Јавна соба ќе се одржи Фестивалот на европска литература „Европски приказни“.
Фестивалот, што ќе ја претстави специјалната едиција на книги на ТРИ, предвидува неколку централни настани: гостување на две големи авторски имиња од Португалија и Грција – Афонсо Круш и Калија Пападаки, изложба на оригинални дизајнерски решенија на книгите од едицијата изработени од познати домашни автори, предавања, дискусии и работилници посветени на книжевниот превод кои ќе се одржат на Европскиот ден на јазиците, како и неформални средби и дружења кои имаат за цел да го доближат најдоброто од европската литература и да понудат поинакво искуство за љубителите на добрата книжевност.
„Препознатлив по внимателниот избор на наслови, врвниот превод, оригиналниот дизајн и реализација, честите гостувања на автори, како и по сопствениот информативен блог-канал (prikazni.mk) – овој проект, реализиран со помош на програмата „Креaтивна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура, воведува нови практики и поставува повисоки стандарди во издаваштвото во нашата држава, а ја задоволува и големата потреба од оригинални и квалитетни дела кои се наменети и за помладата и за повозрасната публика“, велат од ТРИ.
Во продолжение погледнете ја програма на Фестивалот:
25.09. (среда), 20 часот – Изложба на сите графички решенија за објавените книги и запознавање со актуелните имиња на уметничко-дизајнерската сцена.
26.09. (четврток), 19.30 часот – Гостување на Афонсо Круш и промоција на неговиот роман „Да купиме поет“. Промотори: Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска (преведувач).
27.09. (петок), 19.30 часот – Гостување на Калија Пападаки и промоција на нејзиниот роман „Снегулки“ (добитник на Европската награда за литература). Промотори: Елизабета Баковска, Емилија Мајсторова-Стојановска (преведувач).
Дополнителни настани:
26.09., 18 часот – Работилница за превод и толкување со Наташа Сарџоска на тема „Те преведов или те предадов“?
27.09., 18 часот – Работилница за превод и толкување од француски јазик во соработка со проф. д-р Ирина Бабамова од Филолошкиот факултет.
Овие настани се посветени на книжевниот превод, како и на спецификите и предизвиците во преведувањето на книжевни дела на македонски јазик. Тие се насочени кон преведувачката заедница, јазичните редактори, уредниците, како и сите заинтересирани за оваа професија.