Фесјбук мора да ги избрише објавите со говор на омраза, нареди суд во Австрија

Фејсбук мора да ги отстрани објавите кои се карактеризирани како говор на омраза, одлучи австриски суд, во правна победа на активистите кои сакаат да ги принудат социјалните медиуми да се справат со онлајн „троловите“.

Судскиот спор, покренат од Партијата на зелените во Австрија, околу навреди на Фејсбук врз нивниот лидер, има и глобални последици, јавува Ројтерс. Судот пресуди дека објавите мора да се избришат на целата платформа, низ целиот свет, а не само во Австрија.

Случајот доаѓа откако законодавците низ Европа размислуваат за начини на кои би ги принудиле Фејсбук, Гугл, Твитер и другите социјални платформи забрзано да го отстрануваат говорот на омраза или поттикнување насилство.

Претходниот месец, германската влада усвои план за казни во износ и до 50 милиони евра, за социјалните мрежи кои нема да ги избришат објавите со говор на омраза. Европската Унија исто така размислува законот да се имплементира во цела Европа.

Одлуката која била соопштена од „зелените“ и потврдена од портпаролот на судот, одбиле да ја коментираат адвокатите на Фејсбук во Виена.

Во пресудата е одлучено дека блокирањето на постови со говор на омраза само во Австрија, без да се избришат и за корисниците од странство, не е доволно. Според судот, за Фејсбук е едноставно овој процес да се автоматизира. Сепак во пресудата е наведено дека не се очекува од компанијата да пребарува по содржините за да најде објави кои се слични на оние кои се сметаат за говор на омраза.

Од Партијата на зелените очекуваат дека одлуката ќе биде дополнително засилена од австрискиот врховен суд. Тие сакаат судот да бара од Фејсбук отстранување на слични, не само идентични објави, како и идентификување на корисниците на лажни профили.

Дополнително, активистите бараат Фејсбук да плаќа и оштети, што би го олеснил процесот за граѓаните кои се нашле во слични ситуации да влезат во финансиски ризици при покренување правни процедури.

Директорот на интернет гигантот, Марк Закерберг, веќе изјави дека на платформата која ја предводи нема место за говор на омраза, додека Фејсбук актуелно работи и на документи и правилници за тоа како во иднина ќе се справува со лажните вести.