Феминистки го облепуваат Париз со плакати кои го осудуваат семејното насилство

Во една неодамнешна вечер, група од четири девојки талкаа низ едно мирно соседство во источен Париз, вооружени со кофа со лепак, четка за сликање и ранци натоварени со плакати. Тие бараа површини на кои можат да ги пренесат своите пораки.

„Таму не е лошо, нели?“, рече Астрид Тенон, облечена во црно, покажувајќи кон ѕидот долг околу шест метри.

Нејзиниот соборец, Кло Мадеста, држејќи ја кофата, кимна со главата.

Веднаш започна осмислената акција. Прво, една од девојките исфрли лепило на ѕидот, потоа друга лепеше страница по страница, додека третата тапкаше по секое парче со друг слој лепак.

По помалку од седум минути, на ѕидот осамнаа зборовите: „Ми рече дека ме сакаш, но тоа сепак беше силување“.

Околу една година, стотици плакати со кои се осудува сексуалната злоупотреба и фемицидите се појавија во Париз, и покрај фактот што тоа се смета за вандализам и не е легално.

Плакатите се дело на феминистки кои критички настроени кон одговорот на француската влада во однос на растечкиот проблем на семејното насилство, излегоа на улиците со ваква кампања насочена кон подигнување на свеста за злосторствата извршени врз жените од страна на нивните сегашни или поранешни партнери.

„Нашата цел е да ги изнесеме овие факти пред очи, така што некој да не може да погледне настрана, затоа што ова насилство секогаш останува во сенка“, вели Мадеста.

Кампањата е дело на новата феминистичка група „Les Colleuses“ основана од Маргерит Стерн која во летото 2019 година објави повик за ваква акција преку социјалните мрежи. На тоа доби повратен одговор од десетици жени, а моментално вакви акции прават околу 1.500 активисти.

Според владините податоци, минатата година, 146 жени биле убиени од нивните партнери, што претставува зголемување за 21 процент во однос на 2018 година.

Извор: „Њујорк Тајмс