Феминистички онлајн слем

Во пресрет на 8 март, интернационалниот ден на жената, учесничките од програмата за феминистичка слем поезија на „Еквалис“ организираат онлајн феминистички слем. Онлајн слемот ќе се одржи во недела, на 7 март со почеток во 18 и 30 часот.

Од организацијата „Еквалис“ велат дека во фокусот на феминистичкиот слем, акцентот ќе биде фокусиран на младите жени и девојки коишто ќе ги артикулираат своите незадоволства кон мизогинијата во општеството, сексуалното вознемирување на јавните простори како и потребата на општеството да ја казнува и прекорува секоја сексуална активност на жената.

„Слем поетесите ќе слемираат и за патријахатот, особено семејниот патријахат, којшто ги растргнува младите девојки меѓу љубовта за своето семејство и патријахалните норми коишто постојат како непишано правило во семејствата, а се насочени кон подредување на жената како инфериорна.Исклучително е важно женските гласови да добијат свој простор во општество коешто сака да ги притисне, замолчи и крајно прекори сите жени што ќе му пркосат на патријахатот, сексизмот и мизогинијата“, велат од „Еквалис“.

По слем изведбите ќе следува и дискусија со поетесите и публиката. За проследување на настанот, заинтересираните можат да се регистрираат тука.