Феминистички мурал во Мадрид спасен од уништување од страна на радикалната десница

Мурал во Мадрид кој слави петнаесет жени пионерки во својата област, а ги вклучува Нина Симон, Роза Паркс и Фрида Кало е спасен од уништување откако градскиот совет ги запре плановите за негово уништување.

Муралот голем 60 метри, порачува дека „Способноста не зависи од родот“, а е порачан од локалниот совет на општината Линеал. Муралот е нацртан во 2018 година, на ѕид на локална спортска сала.

Во муралот се вклучени и тенисерката Били Џин Кинг, снајперистката Лудмила Павличенко, ветеранката за граѓански права и академката Анџела Дејвис, астронаутката и политичарката Валентина Терешкова и писателката Чимаманда Нгози Адичи.

Минатиот четврток, радикалната десничарска партија „Вокс“ предложи муралот да биде уништен бидејќи испраќа политичка порака. Предлогот на партијата бил тој да се замени со цртеж посветен на спортот. Ваквиот предлог бил поддржан и од друга конзервативна партија, како и центристичката партија „Партија на народот“. Локалниот совет пак, ја поддржал идејата и предложил на истото место да се нацрта мурал што ќе ги слави параолимпијците.

Одлуката го разлутило локалното население кое протестирало против одлуката. Освен протестите, граѓаните креирале и онлајн петиција која собрала над 55.000 гласови против уништувањето на муралот.

Во средата, левичарската партија „Мас мадрид“ поднела итно барање пред градскиот совет за спасување на муралот. Ваквото барање било успешно благодарение на поддршката од Социјалистичката партија и центристичката партија „Партија на народот“ кои го промениле своето гледиште и го поддржале барањето за спас на муралот.

Заменик-градоначалничката на Мадрид, Бегоња Вилацис, истакнала дека таа не е огромна обожавателка на муралот, но ја почитува волјата на другите.

„Нашата политика е да создаваме, а не да уништуваме. Сакам град кој е полн со различности. Не сакам да го предводам градот само за оние луѓе кои гласале за мене, па почитта за работите кои не ми се допаѓаат, доаѓаат заедно со функцијата на заменик градоначалничка на градот“, истакнала таа.

Партијата „Вокс“ ја обвинила центристичката партија за нелојалност, додека конзервативната партија која го поддржа уништувањето истакнала дека одлуката требало да му биде препуштена на градскиот совет.

Хорхе Нуњо, член на колективот „Анлоџик“ кој го создал муралот, истакнал дека е среќен што на крајот, муралот бил спасен.

„Мислам дека некои луѓе потешко сфаќаат дека жените во муралот не се таму поради политички пораки. Тие се нацртани поради нивниот општествeн придонес кон еднаквоста и бидејќи сите тие се бореле за вистинска еднаквост и пофер општество“, изјавил уметникот.

Нуњо нагласи дека колективот се надевал дека муралот ќе остане на своето место уште многу години, но сепак ја поддржува идејата за друг мурал кој ќе ги слави параолимпијците и нивните успеси.

Извор: Guardian