Фелисити Хофман доби 14 дена затвор за мамењето при упис на деца на угледни колеџи

Американската актерка Фелисити Хофман е осудена на 14 дена затворска казна за нејзината вмешаност во мамење на приемни испити на угледни американски колеџи.

Ѕвездата на серијата „Очајни домаќинки“, покрај затворската казна треба да исполни и 250 часа општествено корисна работа и да плати 30.000 долари.

Федералниот суд во Бостон ја осуди актерката откако во мај ја призна вината за делото измама.

Педесет лица, меѓу нив и славни холивудски личности, беа обвинети дека учествувале во измама во вредност од 25 милиони долари во која помагале на богати Американци да ги запишат нивните деца на елитните универзитети како Јејл и Стенфорд.

Според обвинителите ова е најголемата измамничка шема со уписи на колеџи во историјата на Соединетите Американски Држави. Мрежата била водена од мала компанија, специјализирана за подготовки за упис на универзитети, со седиште во Калифорнија. Шемата била правена преку поткуп на тренери, лажни тестирања и фалсификувани фотографии кои давале лажна претстава за атлетските способности на децата на богати родители за да можат да се запишат на одредени, елитни, универзитети.

Во други случаи, шемата функционирала така што администраторите за приемните испити на универзитетите добивале поткуп за да дозволат други лица да ги пополнуваат тестовите, на кандидатите им ги давале одговорите, или им ги поправале погрешните одговори по тестирањата.

„Овие родители се каталог на богатство и привилегии. За секој примен студент преку измама, бил одбиен чесен и вистински талентиран кандидат“, рекол Ендрју Лелинг, обвинител од Бостон.