Фејсбук во 2030 година би можел да има пет милијарди корисници

Основачот на Фејсбук, Mark Zuckerberg предвидел дека неговата социјална мрежа ќе има пет милијарди членови до 2030 година, зборувајќи на средба со вработените, на одбележувањето на 12-годишнината од постоењето на Фејсбук.

„Сакаме да завршиме со поврзувањето на сите, а тоа ќе го направиме во партнерство со владите и со различни компании ширум светот“, рекол Zuckerberg.

Тоа би го издигнало Фејсбук во најпопуларниот потрошувачки продукт на светот и би значело дека во 2030 година, преку половина од светската популација (проценета на околу 8.5 милијарди луѓе) би имала профил на социјалната мрежа.

Во моментов, Фејсбук има 1.6 милијарди корисници кои се логираат секој месец, што значи дека за да стигне до бројката која ја предвидува Zuckerberg, во следните 14 години ќе треба тројно да ја зголеми базата на корисници. Со оглед на тоа што на децата под 13 години не им е дозволено да членуваат на Фејсбук (а тие сега сочинуваат една петтина од светот) – речиси секој возрасен човек на планетата во 2030 година би требало да користи Фејсбук.