Фејсбук работи на алатката „Clear History“

Извршниот директор на Фејсбук Марк Закерберг соопшти дека компанијата работи на алатка која ќе им овозможи на корисниците „на едноставен начин да ја исчистат нивната историја и колачиња“.

Со ова, корисниците за првпат ќе можат да ги исчистат податоците од нивните профили што ги следат нивните активности на социјалната мрежа.

Воведувањето на оваа алатка изгледа како одговор на скандалот со „Кембриџ Аналитика“.

Минатиот месец беше откриено дека во 2014 година апликација за анкети која барала пријавување преку Фејсбук му дозволувала пристап на креаторот на анкетата и неговиот тим до податоците на корисникот.

На крај, системот собрал податоци на 87 милиони Фејсбук корисници. Податоците завршиле во рацете на „Кембриџ Аналитика“, британска компанија за анализа на податоци, која работеше на претседателската кампања на Доналд Трамп.

Новата функција наречена „Clear History“ ќе биде слична на опцијата на веб-пребарувачите за корисниците да ја исчистат нивната историја и колачиња.

„Откако ќе го внесеме ова ажурирање, ќе можете да ги видите информациите за апликациите и веб-страниците со кои сте во интеракција и ќе можете да ги избришете сите овие информации од вашиот профил“, напиша Закерберг на неговата официјална Фејсбук страница.