Фејсбук осомничен за „измамничка шема“ за приватни податоци

Марк Закерберг се соочува со обвинувања дека развил „злонамерна и измамничка шема“ за искористување огромни количества приватни податоци за Фејсбук да заработи милијарди и да ги истурка ривалите од бизнисот, пренесува Гардијан.

Компанијата што го тужи Фејсбук во калифорниски суд тврди дека главниот извршен директор на социјалната мрежа ја претворил во „оружје“ можноста на пристап до податоци од мрежата на пријатели на кој било корисник – опција што беше во центарот на скандалот со Кембриџ аналитика.

Тужбата поднесена минатата недела во повисокиот суд во Сан Матео се базира на доверливи мејлови и пораки меѓу врвните директори на Фејсбук, вклучувајќи го и Марк Закерберг. Тој е именуван поединечно во случајот и, како што се тврди, лично ја надгледувал шемата.

Фејсбук ги отфрли сите тврдења и поднесе барање за отфрлање на случајот користејќи ја слободата на говорот како одбрана.

Социјалната мрежа тврди дека првиот амандман го штити неговото право да донесува „уреднички одлуки“ онака како што му одговара. Од друга страна, пак, Закерберг и други високи извршни директори неодамна во сведочење пред Конгресот го тврдеа спротивното – дека Фејсбук е платформа, а не издавач.