„Езеро или пластика“- Уметничка интервенција на брегот на Дебарското езеро

Ликовниот уметник Адем Сулејманоски направи „ленд арт инсталација“ на брегот на Дебарското езеро“, насловена „Езеро или пластика“, а посветена на загадувањето со пластични шишиња на езерото.

Секоја година помеѓу 40 и 60 илјади пластични шишиња се слеваат во водите на Дебарското езеро. Овој проблем секогаш е актуелен напролет кога високите водостои на реките и потоците во Дебарско-реканскиот регион носат огромни количини пластичен отпад во езерскиот басен, укажуваат активистите.

Интервенцијата се наоѓа на брегот на Дебарското езеро во близина на селото Косоврасти. „Ленд артот“ е со димензија 8х3 метри и е изработен од камен и мешани материјали.

Идејата на овој „ленд арт“ е да укаже на потребата од регулирање на собирањето отпад и намалувањето на езерото кое иако има квалитетна вода сепак е преполно со механички отпад каде доминираат пластичните шишиња и останатиот пловечки пластичен отпад. „Ленд артот“ е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ќе ги работи оваа пролет во рамки на проектот „Лeнд арт и креативни акции врз оштетена инфраструктура“, кој е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.