Европскиот Парламент ја забранува пластиката за еднократна употреба

Европските пратеници ги одобрија мерките за намалување пластичниот отпад што ги загадува морињата и океаните. Предложената забрана се однесува на најкористените 10 пластични производи за еднократна употреба што ги загадуваат плажите во Европа, како пластичниот прибори за јадење и пиење, сламките, стапчињата за уши.

Парламентот ги поддржа предлозите со мнозинство од 571 пратеник, наспроти 53 против. Во мај, Европската комисија предложи правила кои ќе се применуваат ширум Европа, со кои се таргетираат најзастапените 10 пластични предмети за еднократна употреба, кои се отстрануваат од плажите во Европа или се наоѓаат во морињата.

Експертите пресметаа дека пластиката за еднократна употреба сочинува седумдесет отсто од загадувањето на океаните. Со предлогот на Европската Комисија изгласан од Европарламентот, се очекува за половина да се  намали употребата на овој вид пластични предмети.

Загадувањето на океаните ја чини европската економија некаде помеѓу 259 милиони и 695 милиони евра годишно и ги загрозува туристичкиот сектор и риболовството. Според анкетите на јавното мислење, 74 отсто од европскиот граѓани рекле дека се загрижени за импактот на пластиката врз нивното здравје, а 87 отсто се загрижени за нејзиниот импакт врз животната средина.

Па така, законот има за цел да ја намали употребата на пластични чаши и шолји, да воведе пазарни рестрикции за стапчињата за уши, сламките, стапчињата за балони, чиниите и приборите за јадење. Додека пак за одредени шишиња ќе бидат потребни посебни етикетирања поради капачињата. Влажните марамчиња исто така ќе бидат обележани при продажба. Паралелно земјите на ЕУ ќе треба постојано да воведуваат мерки за информирање и освестување на јавноста за опасноста од пластиката за еднократна употреба.

Новите мерки ќе почнат да важат од 2021 година.