„Европски денови на културното наследство“ викендов во Скопје

Од 23 до 25 септември, на повеќе локации во Скопје, ќе се одржи манифестацијата „Европски денови на културното наследство“.

Имајќи ги предвид редефинирањата на културното наследство и улогата на институциите во неговото современо толкување, оваа година манифестацијата ќе опфати повеќе категории на уметноста и воопшто на културата. Овогодишната манифестација има за цел да го презентира европското културно наследство во Македонија и неговата интеракција со локалните обележја во сферата на ликовната и музичката уметност, литературата, архитектурата, занаетите и модата. Присуството на европската култура во различни периоди, довело до развивање на специфични карактеристики на културното наследство, што пак се рефлектирало во јавните градби, ликовните стилови, музичките правци, современите книжевни дела, градскиот накит, облеката итн, пишува во програмата за настанот.

Со цел да се истакне оваа симбиоза меѓу европските вредности и македонската култура, оваа година манифестацијата ,,Европски денови на културното наследство“ се реализира во повеќе тематски единици вмрежени во мотото ,,Европа во Македонија“. Настаните се распоредени во три дена и во нивни рамки ќе се изведуваат дела на современи европски композитори, ќе настапуваат џез, поп и електро состави со влијанија од скандинавската, германската и британската сцена, ќе се читаат надреалистички поети, ќе се претстават дела на македонски сликари и скулптори работени во времето на модерната, а ќе има и изложби преку коишто ќе се презентираат европската архитектура, уметност и култура присутни во Македонија од XIX и XX век.

Целосната програма може да ја најдете овде.