Европската комисија бара истрага за тепањето мигранти на хрватската граница

Европската комисија изрази загриженост поради извештаите за насилно враќање на мигранти од границата на Хрватска, нагласувајќи дека тоа е незаконски и дека мора да се спроведе истрага.

„Видеата и извештаите за насилно враќања на надворешните граници што беа објавени вчера се многу загрижувачки. Насилството и малтретирањето на мигрантите, барателите на азил и бегалците се неприфатливи и мора да се спроведе истрага“, рече портпаролот на Комисијата Адалберт Јанц, запрашан да ги коментира најновите извештаи за насилство врз мигрантите.

Претходно, се појави снимка каде се гледа како униформирани, маскирани лица со физичко насилство во БиХ враќаат група бегалци од Авганистан и Пакистан. Ги удираат со палки какви што имаат припадници на интервентната полиција, а некои носеле и јакни кои наликувале на дел од униформата на таа единица.

„Европската комисија остро се спротивставува на секоја практика на присилно враќање, наведувајќи дека тоа е незаконски, дека националните власти мора да спроведат истрага за да ги утврдат фактите и да преземат мерки доколку се утврдат прекршоци“, додаде портпаролот Јанц.

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, изјави дека веќе е започната истрага за да се утврди што се случило.

„Експертски тим денес веќе е на терен и има задача да утврди што се случило, кој учествувал во тоа и каде се случило“, им рече Божиновиќ на новинарите на прашањето да ја коментира снимката со насилство врз мигрантите објавено во средата во неколку земји.

Министерот рече дека на претходни вакви објави, вклучително и на странските медиуми, секој пат се реагирало со соопштение во кое се наведува сопственото гледиште за она што евентуално се случило.